Само што ги поставија - се уништуваат новите жардинерии на плоштадот во Струмица

07 Јуни 2016

Утринава е забележано уништување на новопоставените урбани содржини на плоштадот „Гоце Делчев“ во Струмица

Утринава е забележано уништување на новопоставените урбани содржини на плоштадот „Гоце Делчев“ во Струмица.

 

„Иако акцијата за дополнување на одредени хортикултурни површини сеуште трае, ние веќе имаме проблем со вандалско однесување на некои несовесни граѓани. Утринава е забележана искршена жардинерија и содржината која што беше засадена во неа е потполно уништена. Сакам да апелирам до граѓаните за посовесно однесување кон урбаната опрема која што се поставува и зеленилото на јавните површини, бидејќи се што е направено, направено е за да уживаат нашите граѓани“ - вели Ленче Гудева, раководител на единицата „Зеленило“ при ЈПКД „Комуналец“.

 

Гудева информираше дека во рамките на пролетните активности во јавното зеленило во градот, ЈПКД „Комуналец“ врши дополнување на одредени хортикултурни површини. На дел од нив планираното дополнување е завршено, а на останатите е во тек.

 

„Една хортикултурна површина беше булеварот „Маршал Тито“, каде што се направени теракота жардинерии кои се исполнети со цвеќе, а се со цел да се нагласи амбиентот на цвеќето на самиот булевар. Втората површина која што беше планирана за дополнување е улицата „Благој Јанков Мучето“, поточно, по должината на градското корзо и плоштадот. Тука активноста се уште трае и се планирани да се постават 100 жардинерии, од кои 50 се веќе поставени и се посадени, а останатите ќе бидат поставени до крајот на следната недела“ - изјави Гудева.