Потпишан договор за изградба на Пречистителната станица за отпадни води кај Сачево

24 Декември 2015

Вкупната вредност на договорот за градба на овој инфраструктурен проект изнесува 8,4 милиони евра, а средствата се обезбедени преку ИПА

Министерот за животна средина и просторно планирање, Нурхан Изаири, градоначалникот на општина Струмица, Зоран Заев и директорот на ЈПКД „Комуналец” од Струмица, Зоран Ѓоргиев, денеска во Скопје, го потпишаа договорот за спроведување на проектот „Изградба на пречистителна станица за отпадни води во општина Струмица”.


Вкупната вредност на договорот за градба на овој инфраструктурен проект изнесува 8,4 милиони евра, а средствата се обезбедени преку Инструментот на ЕУ за претпристапна помош (ИПА), предвиден во рамките на Оперативната програма за регионален развој 2007-2013 (дел: животна средина) и кофинансиран од Буџетот на Република Македонија.


Пречистителната станица ќе се гради со капацитет за 53.500 еквивалент жители и ќе ги прочистува урбаните отпадни води од подрачјето на општина Струмица, како и индустриските отпадни води кои се испуштаат во канализациониот систем.


Имено во Пречистителната станица ќе се прочистуваат урбаните отпадни води од градот Струмица и населените места Баница, Добрејци, Градско Балдовци, Сачево, Дабиле, Муртино, Просениково, како и отпадните води од индустриската економска зона Сачево.


Со изградбата на Пречистителната станица значајно ќе се придонесе кон подобрување на кавалитетот на водите во реката Тркајна и реката Струмица и ќе се обезбеди заштита на Моноспитовското блато.