Започна Граѓанскиот форум во општина Струмица

28 Октомври 2015

Проектот граѓански форум во општина Струмица се реализира врз основа на предлози за проекти од акциските планови за четири области

Фондацијата Отворено општество Македонија со Фондацијата за развој на локалната заедница од Штип, а во соработка со Општина Струмица и Центарот на заедницата на општина Струмица, започнаа со реализација на проектот за буџетски граѓански форум во општина Струмица.


„Идејата и целта на овие форуми е граѓаните да одлучат кои проекти се приоритетни во општина Струмица во четири претходно изготвени стратегии и акциски планови. Ова е проект кој што се имплементира со општина Струмица и Центарот на заедницата, а финансиран е од фондацијата Отворено општество Македонија. Тоа што е важно за граѓаните е тоа што проектите кои ќе ги одберат ќе бидат финансирани од страна на Општината, но и од фонд кој што е во рамките на овој проект во висина од 45 илјади американски долари од кои половина се од фондацијата Отворено општество, а другата половина од општина Струмица. Целта на вечерашната средба е од многуте проекти кои што се предложени, граѓаните да одберат осум до десет најмногу, а на втората сесија ќе видиме кои од тие се најприоритетни. Сите проекти се приоритетни, но мора да видиме кој ќе се финансира и кој всушност е најважен за граѓаните“ - рече Борис Шарковски од Фондацијата за развој на локалната заедница од Штип.


Синоќа големиот одзив на граѓаните ја потврди нивната доверба во повеќегодишната практика на Општина Струмица за партиципативно учество на граѓаните во креирањето на локалните политики.


Проектот граѓански форум во општина Струмица се реализира врз основа на предлози за проекти од акциските планови за четири области: образование, социјална заштита, млади и соработка со граѓански сектор и нивно рангирање според приоритет.


По презентирањето на планираните проекти од акциските планови, од страна на претставниците на Општина Струмица, граѓаните приоритет дадоа на обезбедување локален фонд за кофинансирање и предфинансирање проекти и студиски посети и вмрежување од соседни земји, од социјалната заштита приспособување на спортски терени за лица со посебни потреби и финансиска помош за приспособување на индивидуални живеалишта на лица со посебни потреби, од млади вработување на едуцирани млади во бизнис секторот со финансиска помош и поддршка на старт-ап бизниси и од областа на образованието приоритет се даде на реконструкција на училишта и набавка на опрема во кабинети и лабаратории.


Утврдените приоритетни проекти општина Струмица ќе ги имплементира во текот на оваа и наредната 2016-та година.


ФОТОГАЛЕРИЈА