Струмичкиот подмладок на ВМРО-ДПМНЕ се подготвува за локалните избори

08 Февруари 2017

Унијата на млади сили при ОК на ВМРО-ДПМНЕ во Струмица ги започна активностите за изработка на предлог програма наменета за младите со која ќе настапат на претстојните локални избори, кои би требало да се одржат во почетокот на месец мај.

Тие вчера ја организираа првата, таканаречена „панел-дискусија“, на која учествуваа млади луѓе, студенти, спортисти, уметници, од HBO секторот, кои ги искажаа своите идеи, потреби, но и проблеми, кои би биле вметнати во програмата за реализација и нивно решавање, доколку ВМРО-ДПМНЕ ја добие локалната власт.

„Се разговараше за активностите на младите луѓе, за мерките кои ги нуди ВМРО-ДПМНЕ за подобар стандард на младите, но и проектите кои општината пропушти да ги реализира за младите луѓе во Струмица. Генерален заклучок е дека општинската власт од редовите на СДСМ не го користи доволно капацитетот на општината за да понуди работи со кои младите луѓе ќе бидат задоволни. Проектите и програмите за млади кои ги ветуваше поранешниот градоначалник Зоран Заев и СДСМ останаа само на хартија. Со овие панел-дискусии кои ги организира УМС сакаме да изградиме реална претстава за потребите на младите луѓе во Струмица. Во периодот кој претстои ние како млади луѓе ќе понудиме локална програма за млади со конкретни проекти која ќе биде дел од предлог програмата на ВМРО-ДПМНЕ за локалните избори” - изјави претседателот на УМС во Струмица, Владимир Ристов, повикувајќи ги младите струмичани преку учество во активности или преку социјалните мрежи да се приклучат во изработка на програмата со свои идеи и предлози.