Даскаловски: Излегоа манипулациите за преземање на локалната власт

06 Февруари 2017

На вчерашната прес конференција на Општинската организација на СДСМ, која ја одржавме како одговор на прес конференцијата на советничката група на ВМРО ДПМНЕ, рековме дека обидот за преземање на локалната власт во општина Струмица е плод на манипулација од невидени размери.

Еве, денес само дваесеттина часови од вчерашните случувања, излезе дека потполно сме биле во право и дека манипулацијата која ја споменавме, бргу излезе на површина - истакна на денешната прес конференција Марјан Даскаловски, претседател на ОО на СДСМ Струмица.

Денешната изјава на советникот од мнозинската советничка листа предводена од СДСМ, д-р Методи Витанов, го потврдува токму тоа, дека тој бил изманипулиран од раководството на ВМРО – Народна партија.

Општинската организација на СДСМ го поздравува денешниот чин на господинот Витанов и неговата решеност, доследно да ја испочитува волјата на граѓаните.

Со тоа, продолжува успешниот развој за доброто на општина Струмица и нејзините граѓани, развој кој го испишува мнозинството предводено од СДСМ, како вовед во нови успеси на наредните локални избори и продолжување на континуитетот на растеж на нашата заедничка општина - изјави Даскаловски.