Даскаловски: Витанов да ја преиспита својата одлука и да ја симне својата огромна дамка која самиот си ја става

05 Февруари 2017

По прес конференцијата на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ, на која беше најавеното новото мнозинство со советникот Методи Витанов, прес конференција и во струмичкото СДСМ.

Марјан Даскаловски, претседател на Општинската организација на СДСМ, побара од Витанов да ја преиспита својата одлука и, како што рече, да ја симне својата огромна дамка која самиот си ја става, дамка која ќе го следи цел живот.

„Ќе беше доблесно, советникот Методи Витанов, на денешната прес конференција да проговори за причините на својот премин во губитничкиот табор. Тој е должен да го стори пред сите граѓани на општина Струмица, а особено пред оние 18.425 граѓани кои го дале гласот за листата на СДСМ на која бил и тој. Се поставува прашањето, како тоа, по поминати безмалку 4 години во победничкото мнозинство, на прагот на новите локални избори, господинот Витанов одлучува да го погази сето тоа што го сторил во изминатиот период, заедно со советниците на СДСМ. Ова е срамен чин, за кој секој коментар би бил излишен. Го повикуваме господинот Витанов да ја преиспита својата одлука и да ја симне својата огромна дамка која самиот си ја става, дамка која ќе го следи цел живот“ - истакна Даскаловски.

Даскаловски реагираше и на изјавата на Зоран Пакетов, кој истакна дека преминувањето на Витанов во нивната советничка група претставува волја на граѓаните на општина Струмица.

„Тврдењето дека неморалниот чин на еден поединец, претставува волја на граѓаните на општина Струмица, е во најмала рака манипулација без преседан. На последните три локални избори, вклучително и на последните, СДСМ извојуваше убедливи победи, како во изборот на градоначалник, така и во изборот на советници. Ете тоа е вистинската волја на граѓаните на општина Струмица“ - изјави Даскаловски.