ВМРО-ДПМНЕ: Заев наместо да го исчисти снегот во Струмица, отиде да го чисти во Арачиново

18 Јануари 2017

Даниела Стоилова Кечева од ОК на ВМРО-ДПМНЕ во Струмица, денеска на прес конференција го обвини пратеникот Зоран Заев дека наместо да го исчисти снегот во Општина Струмица, тој отишол да го чисти снегот во Арачиново.

Интегрален текст од прес конференцијата:

„Зоран Заев веќе одамна не се грижи за Општина Струмица и за струмичани. Тоа станува очигледно. Тој единствено се грижи за своите фамилијарни бизнис зделки во Струмица, а од вчера гледаме дека се грижи и за Општина Арачиново и за нивните неисчистени улици.

Неговата негрижа за Струмица кулминираше со тоа што додека Струмица и струмичките села се затрупани со снег и неисчистен смет со месеци, тој нашата механизација ја однесе во Арачиново, за да им удоволи на арачиновци.

Додека тој праќа механизација за Арачиново, цела Струмица е во хаос, од неисчистениот снег на улиците и од лизгавите тротоари. Цела Струмица е претворена во огромно лизгалиште, а улиците во ски-патеки. Срамота!

Тој струмичани ги направи граѓани од втор ред.

Заев наместо да го исчисти снегот во Општина Струмица, тој отиде да го чисти снегот во Арачиново. Браво Заев. Струмичани ова нема да ти го заборават.

Очигледно Заев нема проблеми со снегот и со скршениците на граѓаните кои секојдневно се повредуваат. Тој не се грижи за фактот дека брзата помош не може да стаса до отсечените села во Струмица, а тоа може да чини нечиј живот.

Заев нема проблеми со снегот, бидејќи деца од неговата поширока фамилија се возат во скапи луксузни џипови и автомобили по Струмица, доколку не се отидени на некои модерни зимувалишта.

На струмичани им е доволно од Зоран Заев. Ако сака да биде градоначалник му порачуваме на наредните локални избори да се кандидира во Општина Арачиново, бидејќи видовме дека приоритет му е оваа општина, отколку Струмица“ - изјави Даниела Стоилова Кечева.