Обраќање на претседателот на СДСМ и носител на листа во ИЕ4, Зоран Заев

09 Декември 2016

Во недела, да излеземе сите на гласачките места и одлучно да покажеме дека ЗАЕДНО МОЖЕМЕ. СПЛОТЕНИ, СО ЕДНА ЦЕЛ – ЗА ЖИВОТ ВО МАКЕДОНИЈА

Претседателот на СДСМ и носител на кандидатската листа за пратеници во Изборна единица број 4, Зоран Заев, на два дена пред гласањето за вонредните Парламентарни избори, се обрати до граѓаните на Република Македонија.

 

Почитувани граѓани, 

 

Стојам пред моите граѓани, во нивна заштита, исправен, горд и одлучен – нема да дозволам никој да ги лаже и плаши граѓаните на Македонија. 

 

Ви се обраќам за јасно и гласно да порачам дека нема да успеат обидите на ВМРО-ДПМНЕ да рашират лаги, стравови и притисоци врз граѓаните на Република Македонија.

 

Барам од сите медиуми да ги известат граѓаните за следново:

 

Во недела ќе се спроведат историски избори за Македонија. Граѓаните избираат меѓу живот и режим. Изборот се врши преку тајно гласање. Повторувам – тајно гласање. Изборниот глас на граѓаните е таен, тоа е уставно гарантирано право. Никој не знае за кого ќе гласате. Нема камери позади параванот. Тоа е факт. Таму сте сами, вие и вашата одговорност и совест.

 

Почитувани граѓани, 

 

Ако сте корисник на социјална помош и ако гласате за промени, доаѓа подобар живот за сите вас. Ќе си ја задржите социјалната помош и таа ќе расте.

 

Ако сте пензионер и ако гласате за промени, вашата пензија ќе расте редовно, онака како што ќе растат платите на сите други граѓани.

 

Ако сте земјоделец и ако гласате за промени, вашите субвенции ќе растат и ќе стигаат навремено на ваша сметка.

 

Ако сте вработен во администрација и ако гласате за промени, ќе останете на вашето рабoтно место и никој нема да ви врши партиски притисок како што тоа беше до сега.

 

Ова се ваши основни права како граѓани на Република Македонија и овие ваши права не смеат и нема да зависат од ниту една партија, од ниту еден функционер. Напротив, функционерите ќе зависат од вас, граѓаните.

 

Конечно, нема федерализација, почитувани граѓани. Тоа е уште една лага на Груевски. Но, ќе има конфискација на криминално стакнатите имот и пари, ќе има враќање на парите кај вас, граѓаните.

 

Во недела, да излеземе сите на гласачките места и одлучно да покажеме дека ЗАЕДНО МОЖЕМЕ. СПЛОТЕНИ, СО ЕДНА ЦЕЛ – ЗА ЖИВОТ ВО МАКЕДОНИЈА!