Заев од Струмица: Во недела Македонија ќе слави слобода и сплотеност

09 Декември 2016

На 11-ти декември Струмица ќе го слави својот празник Свети Петнаесет Тивериополски Свештеномаченици, а Македонија ќе слави слобода и сплотеност

„На 11-ти декември Струмица ќе го слави својот празник Свети Петнаесет Тивериополски Свештеномаченици, а Македонија ќе слави слобода и сплотеност“ - порача синоќа од митингот во Струмица, претседателот на СДСМ и носител на кандидатската листа во четвртата изборна единица, Зоран Заев.

 

Побара поддршка од граѓаните зошто, според Заев, со програмата на СДСМ ќе се врати животот во Македонија. Тој додаде дека се бори и ќе се бори за еднаквост, рамноправност и за сплотеност во Македонија.

 

„Струмица и вие сте ми сведок дека сум родум Македонец, ја сакам и општината и татковината. Ќе сторам се да испишеме убава позитивна историја на нашата Македонија. Не се борам ниту за федерализација, ниту за кантонизација, туку за еднаквост, рамноправност и за сплотеност. Имаме одличен Устав и закон“ - рече Заев.

 

За него и за опозицијата, како што додаде, ќе гласаат и Албанци и Турци и Роми и Срби и Египќани, за првпат сплотени. Граѓаните Албанци како и сите останати граѓани, како што рече, од него и од опозицијата бараат да имаат повеќе пари, подобро образование и здравство.

 

На митингот во Струмица ги посочи главните предизборни ветувања за минимална и просечна плата, како и за подобрување на социјалниот статус на граѓаните.

 

„Ветувам минимална плата од 16 илјади денари, просечна по 30 илјади, со двајца вработени месечни приходи од 60 илјади денари. Ветувам социјална правда и еднаквост, посиромашните да плаќаат помалку, побогатите повеќе, а најсиромашните да ги ослободиме од давачките се додека не станат побогати. Ветуваме достоинствен живот на пензионерите“ - истакна Заев.

 

Претседателот на СДСМ ги објави плановите за реизбор на судиите, кој според него, ќе го направат независни експерти со помош на меѓународни.

 

„Ќе имаме независно судство кое ќе носи правда, ќе суди правично. Никогаш повеќе невин човек да одговара, но криминалците ќе одговараат пред независно судство“ - истакна Заев.

 

На првата седница на Собранието, како што рече, ќе го укинат екстерното тестирање.

 

„Ќе воведеме помалку часови за децата и да учат колку им треба. Ќе воведеме практична работа“ - додаде Заев.

 

Им порача на граѓаните да бидат горди со кренато чело, среќни оти, според него, се на вистинската страна на правдата, на слободата и на борбата за Македонија.

 

ФОТОГАЛЕРИЈА од Митингот на СДСМ во Струмица