Никола Груевски во струмичко ги претстави проектите од изборната програма

07 Декември 2016

Од Муртино, Груевски порача дека во недела народот масовно ќе излезе и ќе стави крај на сето ова што го прави СДСМ и Зоран Заев

Милион евра за реконструкција на системот за наводнување Владевци – Добрејци, доизградба на фекалната канализација во Добрејци, подобрување на инфраструктурата на хидро-мелиоративниот систем Водоча, реконструкција и опремување на клубот за стари лица како и на Домот на културата. Ова се само дел од проектите кои претседателот на ВМРО-ДПМНЕ и носител на листата за пратеници во ИЕ4, Никола Груевски, ги претстави пред жителите од струмичко Добрејци.

 

„Доаѓа недела, денот кога македонскиот народ и граѓаните на Република Македонија ќе стават крај на ова лудило што ни го направи СДСМ. Две и пол години ја држеше државата во заложништво. Доаѓа крајот како држава, како народ, како граѓани издржавме две и пол години, ќе издржиме уште неколку дена. Народот масовно ќе излезе и ќе стави крај на сето ова што го прави СДСМ и Зоран Заев“ - истакна Груевски.

 

И Добрејци ќе биде дел од проектот Рурални развојни зони, со кој се предвидуваат значајни субвенции, а според Груевски, отворање на нови 70.000 работни места, како и низа проекти од областа на земјоделието.

 

Од Муртино пак, Груевски порача дека во недела народот масовно ќе излезе и ќе стави крај на сето ова што го прави СДСМ и Зоран Заев.

 

„Не смее да се дозволи да се растури унитарноста во Република Македонија. Тешко е дојдено до оваа слобода, до оваа независност со многу жртви, со крупни напори, со многу откажувања, со многу падови и со многу успони. Со голема мака и со многу жртви се дојде до ова што денеска го имаме парче земја независна сувереност. Затоа не смееме да дозволиме ризици во кои некој би си поигрувал или би експериментирал“ - рече Груевски пред жителите на Муртино.