Заев: За две години ќе вложиме 600 милони евра за изградба на патишта

07 Декември 2016

Лидерот на СДСМ, Зоран Заев, од центарот на родната Струмица, денеска најави дека во наредните две години, Владата предводена од СДСМ ќе вложи 600 милиони евра

Лидерот на СДСМ, Зоран Заев, од центарот на родната Струмица, денеска најави дека во наредните две години, Владата предводена од СДСМ ќе вложи 600 милиони евра за изградба на патишта.

 

Интегрален текст од прес конференцијата:

 

Во планот за живот во Македонија, испланиравме нови 600 километри автопати, 550 километри магистрални и 1.000 километри локални патишта.Само во првите 2 години ќе вложиме 600 милиони евра за изградба на патишта.

 

На мапата може да ги погледнете главните патишта кои планираме да ги изградиме и реконструираме.

 

Велес – Прилеп – Битола – Меџитлија;

 

Штип – Радовиш – Струмица (во прва фаза експресен пат); – Граница со Бугарија;

 

Штип – Кочани – Виница – Делчево;

 

(западен дел) Гостивар - Кичево, Требеништа – Струга – Ќафасан;

 

(источен дел) Романовце – Крива Паланка – Граница со Бугарија (прва фаза експресен пат);

 

Патиштата низ Македонија сега се оштетени, руинирани и полни со црни точки - небезбедни за граѓаните, а оваа власт остави пустош во патната инфраструктура во Македонија, како и во сите други области. Ќе ги модернизираме патиштата со современа сигнализација и ќе ја зголемиме безбедноста во сообраќајот со санирање на сите црни точки. Исто така, ќе ја намалиме цената на зелениот картон и ќе ги унапредиме и граничните премини за да се намали времето на чекање, со што ќе им го олесниме на граѓаните користењето на патниот сообраќај.

 

Крупни инвестиции во инфраструктурата се неопходни, бидејќи без инфраструктура не може да ја развиваме домашната економија.

 

Покрај патиштата комплетно ќе го обновиме и развиеме и железничкиот сообраќај.

 

Како што може да видите на оваа мапа планираме приградски патнички сообраќај што ќе се состои од 4 краци во и околу Скопје, со нова пруга од Аеродромот Александар Велики до Скопје (Миладиновци). Освен тоа ќе изградиме нови пруги на неколку правци како што се Куманово-Бељаковце, Бељаковце-Куманово и Крива Паланка-Деве Баир.

 

Нашата намера е на секој граѓанин, без разлика дали живее во град или во село, да му се овозможи да има свој пристапен и сигурен пат, како и достапен, модерен јавен превоз. Брзиот и ефикасен транспорт ги намалува трошоците на компаниите, ја зајакнува конкурентноста и директно влијае на севкупниот раст на економијата.

 

На овој начин, ќе им олесниме и на граѓаните во секојдневното функционирање.

 

Затоа, во недела на 11 декември, да ја дадеме нашата поддршка за Планот за живот и за нова модерна патна инфраструктура. Да заокружиме четири, за живот во Македонија - истакна Заев.