ФОТО: Во Мокриево се одржаа традиционалните „Странчинарски игри“

14 Јануари 2015

Странчинарските игри, според традицијата влечат корени уште од паганството, а во изменет облик се одржуваат до ден денешен

Силно заклопотија ѕвонците и клопотарците во Мокриево , а маскираните „странчинари“, на сред село во Подгоријата, го започнаа дефилето на традиционалните „Странчинарски игри“, кои секоја година со одржуваат на Василица или Сурва.


Странчинарските игри, според традицијата влечат корени уште од паганството, а во изменет облик се одржуваат до ден денешен.


„Годинава, воообичаено за сите присутни гости, подготвивме околу 300 килограми качамак со пченкарно брашно и околу 150 килограми колбаси, што е повеќе од лани. На крај од дефилето, сите на сред село, седнуваат на гозба, што е карактеристично за овој крај“ - рече Блажо Спасов, од Организациониот одбор на здржението „Странчинар“.


Според традицијата, страчинарите се подготвуваат уште од раните утрински часови, кога со борба со „калчки“, дрвени секири, кои се одлика за играорците познати под името „Русалии“, си ги поделуваат маалите во селото, така што победниците зимаат поголем дел од селските мали и одат од куќа на куќа, со цел да ги истерат лошите духови, болестите и зимата, а домаќините ги даруваат со жито, пченка, колбаси, колачи и пари. Собраните дарови, потоа ги делат на сите, а порано ги давале во црква, и им се делеле на сиромашните.


На „Странчинарските игри“, во дефилето под маски, имаше и гости од другите градови во државата, како што се: Прилеп, Берово и село Ратево, а и од странство, поточно од Бугарија, при што учествуваа две групи маскирани учесници.


Древен обичај е на Сурва, да се пие топлена ракија, а постои верување дека доколку мали дечиња што пелтечат, ако се напијат од ѕвонецот на најстариот странчинар, ракија, тогаш ќе престанат да пелтечат.


„Секоја година, настојувам за време на Странчинарските игри да бидам дома, иако веќе, повеќе години живеам и работам во Швајцарија. Јас сум бил мал страчинар и сум одел од куќа на куќа, па посебно е чувството кога сум тука“ - вели жител од Мокриево, кој повеќе години работи во Швајцарија.


Со „Странчинарските игри“, се настојува во денешно врем, да заживее оваа традиција, која оддамна била присутна во село Мокриево, посебно, затоа што неговите жители, во поново време, масовно се исселуваат во странство. Досега од 300 до 400 домаќинства, колку што имало селото, се иселиле 180 домаќинства, а и поединци. (С.Џ.)