Во Колешино одбележана 80-годишнината од раѓањето на Видое Подгорец

26 Октомври 2014

Во родното место на големиот македонски писател, Видое Подгорец, во селото Колешино, се одржа манифестацијата „Средба под јаворите“

Во родното место на големиот македонски писател, Видое Подгорец, и во истоименото основно училиште, во селото Колешино, се одржа манифестацијата „Средба под јаворите“, со што беа одбележани 80 години од раѓањето на овој познат писател за деца и возрасни.

По тој повод, Здружението на граѓани „Видое Подгорец“ од Струмица, кое го почитува ликот и делата на Видое Подгорец, во основното училиште „Видое Подгорец“ во Колешино, ја одржа манифестацијата „Средба под јаворите“, која веќе петнаесет години се одржува.

Литературното читање, воедно и сеќавање за Видое Подгорец, пред учениците од ова училиште, изнесоа гостите, писателите за деца и возрасни, Киро Донев, Горјан Петрески, Ксенија Маказлиева Трајчева, уредник на  детското списание „Другарче“ и други поддржувачи на ликот и делата на Подгорец.

Писателот за деца Горјан Петрески, зборуваше за неговата прва средба со Видое Подгорец, во редакцијата на „Наша книга“, како тој го примил и му бил рецезент на неговата прва книга.

„Јас сум лиричар по природа, а таков беше и Подгорец. Гледајќи ги овие предели во Подгоријата, природата во есен, ме потсетуваат на описите во делата на Погорец, но, и на моите, така што има многу нешто што да се каже за него“, рече Горјан Петрески.

Плодниот писател Киро Донев, пак, се присети за неговите работни обврски како прв соработник на Видое Подгорец, во „Наш свет“, во периодот кога Подгорец беше одговорен уредник.

„Потоа, Подгорец, замина во „Наша книга“, а јас ја продолжив соработката со  Миле Марковски. Инаку, мојата првата книга „Жаба спикер“, излезе во  „Култура“, во далечната 1967 година, каде рецезент ми беше токму Видое Подгорец“, рече писателот Киро Донев.

Книгата лектира „Да се запознаеме“ од Киро Донев, печатена пред повеќе години, сеуште е главно четиво и лектира на децата во училиште. Тој ни откри дека во подготовка е неговата нова книга „Славејот од Подгоријата“, која всушност е биографски роман за писателот Видое Подгорец.

Инаку, до својата смрт писателот Видое Подгорец има издадено вкупно 108 книги, и тоа: романи, збирки раскази и поезија. Најпознат негов роман е „Белото циганче“, која е преведена на неколку светски јазици, а и филмувана од страна на Македонската Телевизија, во три епизоди.

Неговите дела се преведувани на околу десет странски јазици. (С.Џ.)