Со традиционална храна, оро и песна „Етно Ден“ во Мокрино

26 Октомври 2014

Мокрино е живописно струмичко село под падините на Беласица каде се одржа четвртата Манифестација „Етно Ден на младите фармери“

Со презентација на традиционални македонски јадења, специфични за подбеласичките села, со македонски ора на играорци, со традиционални македонски песни, во ресторанот „Панорама“ во Мокрино, денеска се одржа „Етно Ден на младите фармери“.

Мокрино е живописно струмичко село под падините на Беласица каде за прв пат се одржува Манифестацијата „Етно Ден на младите фармери“, а во изминатите три години домаќин беше селото Габрово.

На Етно денот освен од струмичко имаше млади земјоделци и претставници на земјоделски невладини организации од цела Македонија.

Преку оваа Манифестација младите фармери од Македонија сакат да го заживеат и унапредат руралниот живот, промовирајќи ги подзаборавените традиционални обичаи, а покрај промоција на руралниот живот, важен аспект е развојот на селскиот туризам, чии носители треба да бидат токму младите луѓе од село.

Топло добредојде на сите гости им посака претседателот на Федерацијата на фармери на Република Македонија, Никола Стаменов, кој истакна дека е се поголем број на млади луѓе кои стануваат членови на Федерацијата на млади фармери, бидејќи својата иднина ја гледаат во развојот на аграрот, мали семејни бизниси и руралниот туризам.

По богатата културно-уметничка програма и доделувањето на благодарници на институции и поединци кои ја помагаат Манифестацијата, гостите ги вкусија традиционалните македонски јадења подготвени од млади домаќинки по рецепти на нашите баби, јадења кои најчесто се приготвувале во секоја селска куќа во Струмичкиот регион.

На „Етно Ден“ беа презентирани и ликовни и рачни творби со традиционални македонски мотиви изработени од ученици од основни училишта од Струмичкиот регион.

Манифестацијата „Етно Ден на младите фармери“ во Мокрино се одржува во организација на младите фармери од Струмичкиот регион, со поддршка на Федерацијата на фармери на Република Македонија и ПроКредит Банка.

ФОТОГАЛЕРИЈА од „Етно Ден на младите фармери 2014“