„Костенијада“ над Смоларе! (ФОТО/ВИДЕО)

25 Октомври 2014

Печени и варени Смоларски костени, топла ракија, вино и чај, македонски народни песни и ора во живо на „Костенијадата“ над Смоларе

Во прекрасен амбиент на природата, студено, но од време на време со сончевите зраци под падините на Беласица, помеѓу селото Смоларе и Смоларскиот водопад, по петти пат се одржа Фестивал на Смоларскиот костен „Костенијада 2014“.

Печени и варени Смоларски костени, специјалитети од костени, топла ракија, вино и чај, македонски народни песни во живо со Ефто Пупиновски, Катерина Ристова и групата Легато, традиционални ора со КУД „Јане Сандански“ од Ново Село, како и изложба на творби посветени на костенот, изработени од ученици од општина Ново Село, беа дел од „Костенијадата“.

Плодот кој во изобилие расте на планината Беласица, тука има посебно значење. Денеска домаќинките меѓусебно се натпреваруваат кој ќе направи повкусен кулинарски подвиг. Велат дека годината дала помали костени, но вкусни, а родот бил во изобилие. Сепак, Смоларскиот костен добро се продава на пазарите.

Целта на манифестацијата е презентација на повеќе производи направени од надалеку познатиот Смоларски костен, но и на други локални производи, пијалоци, рачни изработки и други кулинарски вештини и етнолошки вредности карактеристични за оваа поднебје.

„Костенијадата“ од година во година со се повеќе посетители, кое за  локалната самоуправа на општина Ново Село, организатор на фестивалот, оваа идеја на востановување на ваква манифестација, посветена на Смоларскиот костен, е оправдана.

ФОТОГАЛЕРИЈА