Одбележана 1000-годишнината од Битката на Беласица

29 Јули 2014

Денеска им беше оддадена почит на загинатите и ослепените војници на македонскиот Цар Самуил

Со полагање свежо цвеќе на спомен-обележјето на месноста Пирго, кај селото Мокриево, општина Ново Село, денеска им беше оддадена почит на загинатите и ослепените војници на македонскиот Цар Самуил, кои пред точно 1000 години беа поразени од византијскиот император Василиј Втори.

По тој повод, градоначалникот на општина Ново Село, Блажо Велков, одржа говор во кој се осврна на историскиот момент и значењето на Битката на Беласица во националната историја на Македонија.

„Битката на Беласица, која на 29 јули 1014 година се одиграла на овие простори е една од најголемите битки во македонската историја, водени за освојување на македонската териоторија. По еден милениум, го чествуваме овој настан во кој биле ослепени 14.000 Самоилови војници. Ние никогаш нема да го заборавиме споменот на овој настан. Ние простуваме, но никогаш не забораваме“ – рече градоначалникот Велков.

На денешниот народен собир на месноста Пирго, се одржа богата програма на која со изведба на македонски родолубиви песни и воени маршеви се претстави Воениот оркестар на АРМ, а Баталјонот за почести изведе егзицир од воени вежби.

Битката на Беласица наскоро ќе се појави на филмско платно. Идната година со средства од националниот Филмски фонд во Охрид, Прилеп, Галичица и Струмица, но и во Србија ќе се нима филм насловен „Цар Самуил“.

ФОТОГАЛЕРИЈА