Општина Ново Село ќе ја одбележи 1000-годишнината од Беласичката битка

26 Јули 2014

На 29 јули, во месноста Пирго, кај селото Мокриево, ќе се одбележи 1000-годишнината од големата Беласичка битка

Со голем народен собир и откривање на спомен одбележје, во вторник на 29 јули, во месноста Пирго, кај селото Мокриево, општина Ново Село ќе ја одбележи 1000-годишнината од големата Беласичка битка.

Како што изјави градоначалникот на Ново Село, Блажо Велков, одбележувањето на овој историски настан е можност да им се оддаде почит на војниците на македонскиот Цар Самуил, кои пред 10 векови се бореле во овој дел на Македонија.

„Во знак на сеќавање на Беласичката битка во месноста Пирго ќе откриеме спомен одбележје, а овој настан, со своето учество ќе го овеличат Воениот оркестар и Баталјонот за почести и опслужување на АРМ“ - најави градоначалникот Велков.

Во битката на Беласица, во клисурата Клуч, во 1014 година византискиот војсководец Василиј ја поразил македонската војската, а заробените војници ги ослепел и ги пратил кај Цар Самуил.