„Костенијада“ над Смоларе

24 Октомври 2015

Печени и варени Смоларски костени, топла ракија, вино и чај, македонски народни песни и ора во живо на „Костенијадата“ над Смоларе

Во прекрасен амбиент на природата, малку студено, но од време на време со сончевите зраци под падините на Беласица, помеѓу селото Смоларе и Смоларскиот водопад, по шести пат се одржа Фестивал на Смоларскиот костен „Костенијада 2015“.


Печени и варени Смоларски костени, специјалитети од костени, топла ракија, вино и чај, македонски народни песни во живо со Анета Мицевска и група „Молика“, традиционални ора со КУД „Јане Сандански“ од Ново Село, како и изложба на творби посветени на костенот, изработени од ученици од општина Ново Село, беа дел од „Костенијадата“.


Плодот кој во изобилие расте на планината Беласица, тука има посебно значење. Велат дека последните години се зголемиле површините засадени со костен, кој сега е веќе заштитен белег на жителите од овој крај. Денеска домаќинките меѓусебно се натпреваруваат кој ќе направи повкусен кулинарски подвиг.


Целта на манифестацијата е презентација на повеќе производи направени од надалеку познатиот Смоларски костен, но и на други локални производи, пијалоци, рачни изработки и други кулинарски вештини и етнолошки вредности карактеристични за оваа поднебје.


„Костенијадата“ од година во година со се повеќе посетители, која за локалната самоуправа на општина Ново Село, организатор на фестивалот, со оваа манифестација очекува развој на подбеласичките села преку руралниот туризам.