Семејството Јанкови се всели во новата куќа од семејството Пишеви

06 Јуни 2015

За пратеникот Васил Пишев и неговото семејство, денеска е голем ден

Пратеникот Васил Пишев со семејството, а со поддршка на бизнисмени од Струмица и локалната самоуправа на Ново Село, на семејството Јанкови од Смолари, Надежда и Платон, со нивните деца им изградија нов скромен дом.


Новото живеалиште е веднаш до старата трошна куќа, од која двете деца, Благица и Атанас, кои се со тешка интелектуална попреченост и слепило, повеќе од 30 години не се симнале во својот двор.


За пратеникот Васил Пишев и неговото семејство, денеска е голем ден, бидејќи со поддршка на министерот Спасов, залагањето на градоначалникот Велков и повеќе бизнисмени, на семејството Јанкови им подарија нов скромен дом.


Во новиот дом на семејството на Надежда и Платон Јанкови, денеска беа и министерот за труд и социјална политика, Диме Спасов, градоначалникот на општина Ново Село, Блажо Велков, претставници на ОО на Црвениот крст од Струмица, кои им донираа и прехранбени производи, средства за лична хигиена и други неопходни работи за секојдневните потреби на нивните деца.


„Можеби како луѓе не можеме да помогнеме и го вратиме здравјето на членовите на оваа семејство, но со новиот дом се надеваме дека ќе им ја вратиме насмевката. Двете деца, повеќе од 30 години не се беа симнале од трошната куќа во својот двор, но како резултат на помошта од Министерството за труд и социјална политика, помошта на пратеникот Васил Пишев, на градоначалникот на општина Ново Село и бизнисмени од струмичко, успеавме сите заедно да им помогнеме на оваа семејство“ - рече министерот Спасов.


Тој истакна дека Министерството за труд и социјална политика, на семејството Јанкови му обезбедува континуирана парична месечна помош во висина од 16.200 денари, како и постојана помош и поддршка од Црвениот крст.


Новиот дом за Надежда и Платон и нивните деца е ново гнездо во кое ќе ги нема проблемите од старата и дотраена куќа.