ФОТО: „Ѓурѓовденски средби 2015-та“ во Ново Село

05 Мај 2015

Денеска во пресрет на празникот Ѓурѓовден, над Ново Село се одржаа традиционалните „Ѓурѓовденски средби 2015“

Денеска во пресрет на празникот Ѓурѓовден, над Ново Село се одржаа традиционалните „Ѓурѓовденски средби 2015“.


Сите учесници во манифестацијата, културно-уметнички друштва, музички ансамбли и поединци свирачи на народни инструменти, жители од Ново Село и регионот, со заедничко дефиле се упатија кон Белев Рид, над Ново Село, каде што на платото пред манастирот „Свети Ѓорѓи и Свети Димитар“ се одржа културно-уметничка програма.


На зелената полјана, сите учесници по полчасовното пешачење се дружеа и се веселеа со народни песни и ора во чест на големиот христијански празник Ѓурѓовден.


Од членовите на културно-уметничките друштва од Македонија и соседна Бугарија, КУД „Јане Сандански“ – Ново Село, Ансамблот за народни танци „Никола Вапцаров“ од Сандански, Бугарија, Фолклорниот ансамбл „Бучим“ од Радовиш, беа изведени народи ора и песни, а насобраниот народ ги поздравуваше со силно ракоплескање.


Овие средби се од особена важност за граѓаните на Општина Ново Село, бидејќи со нивното одржување се продолжува традицијата преку негувањето на песната и орото од една страна и носиите од друга страна.


Манифестацијата „Ѓурѓовденски средби“ е во организација на Домот на културата „Јане Сандански“, со финансиска поддршка на општина Ново Село, а покровител на манифестацијата и годинава беше градоначалникот Блажо Велков.