Александра Јанева подарува инструменталки за 5 нејзини песни

13 Септември 2016

Во петок посетителите на Пастрмалијадата во Штип ќе имаат прилика да ги слушнат оригиналните изведби во живо на настапот на Александра Јанева

Од денеска на официјалниот YouTube канал на младата пејачка Александра Јанева, се прикачени нови пет видеа. Таа во пакет ги подарува нејзините пет најбарани песни во инструментална верзија.

 

„Секојдневно ме контактираат млади таленти и бараат инструментални верзии за настапи. Драго ми е што веќе дел од моите песни се пеат, без разлика дали во домашна атмосфера, на некоја сцена или на ТВ шоу. Се надевам дека овие видеа ќе бидат олеснување и дополнителна мотивација за идни таленти“ - вели струмичанката Јанева.

 

Антониа Гиговска, Тина Русева, Драгана Костова, Трајче Ѓоргиев и Сара Гигова се само дел од младите таленти кои одбрале да се претстават на балкански музички натпревари со некоја од песните на Александра Јанева. Освен најпеаната „Врати ми го сонцето“ со која Јанева првпат се појави на националната сцена, на нејзиниот канал се споделени и песните: „Во твојот свет“, „Еве ме пак“, „За сто години“ и „Најмило мое“. За сите композиции подготвени се видеа на кои го има текстот и инструментална верзија со придружни вокали.

 

Во петок 16 септември, посетителите на Пастрмалијадата во Штип ќе имаат прилика да ги слушнат оригиналните изведби во живо на настапот на Александра Јанева.

 

Таа открива дека следно што може да се очекува е видео записот на нејзината последна песна „Најмило мое“ од „Охрид Фест 2016“, кој треба да биде промовиран до крајот на овој месец.