Да не се користи патниот правец Сарај - Просениково, поради излевање на реката

02 Февруари 2015

Според соопштението од општината, се очекува водата од речното корито да го прелива мостот

Поради обилните дождови во последните денови што го зафатија Струмичкиот регион, и испуштањето на водата од Браната „Турија“, во наредните неколку часови се очекува драстично да порасне водостојот на речното корито на река Турија. Се очекува критично да биде кај мостот на реката Турија, на локалниот патен правец Сарај - Просениково, информираат од Општина Босилово.


Според соопштението од општината, се очекува водата од речното корито да го прелива мостот, со што се доведува во прашање нормалното одвивање на сообраќајот на овој патен правец.


За таа цел се известуваат граѓаните од населените места Сарај, Гечерлија, Петралинци, Чанаклија и Просениково, да не го користат овој патен правец за сообраќај, туку да се движат кон други алтернативни и заобиколни патишта - стои во соопштението од Општина Босилово.