Општина Босилово: Ќе нема штрајк во училиштата во општината

18 Јануари 2015

Нема да има штрајк во училиштата во општина Босилово и наставата ќе продолжи да се одвива според планираното

Нема да има штрајк во училиштата во општина Босилово и наставата ќе продолжи да се одвива според планираното - стои во соопштението на општина Босилово.


Денеска во кабинетот на градоначалникот на општина Босилово, беше одржан состанок со директорите и група наставници – членови на синдикатот за образование, наука и култура при ООУ „Гоце Делчев“ Босилово, ООУ „Св. Кирил и Методиј“ Иловица и ООУ „Борис Трајковски“ Моноспирови и подрачните училишта. Притоа, на состанокот, беше констатирано дека СОНК повикува на генерален штрајк врз основа на неаргументирани барања.


Имено, не дава детално и конкретно образложение за оправданоста и реалната остварливост на предлозите. Според програмата на Владата на Република Македонија, покачувањето на платите ќе се реализира етапно во претстојните години. Исто така, беше заклучено дека претседателот на СОНК тоа го прави од личен интерес заради претстојниот реизбор.


Поради тоа, наставниците сметаат дека наставата треба да продолжи нормално и според предвидените планови, на 20.01.2015 година.


Градоначалникот на општина Босилово ги известува родителите на учениците и наставниците дека нема да има штрајк и наставата во второто полугодие ќе започне навремено.


Сите услови за подолжување на наставата се исполнети и во централните и во подрачните училишта - стои во соопштението од Општина Босилово.