ИСЕЛЕНИЧКА СРЕДБА – „Босилово 2015“

31 Јули 2015

Градоначалникот Колев, отворајќи ја манифестацијата, ги поздрави „нашинците“ од дијаспората кои во моментот се во родниот крај

На летната сцена од игралиштето во Босилово, под покровителство на градоначалникот на општина Босилово, Љупчо Колев, синоќа по петти пат се одржа „Иселеничка средба 2015“.


Градоначалникот Колев, отворајќи ја манифестацијата, ги поздрави „нашинците“ од дијаспората кои во моментот се во родниот крај, и им посака пријатен престој со желба врските со својата родна земја да ги одржуваат и пренесат на своите поколенија.


Босилово важи за општина која има голем број граѓани кои долги години живеат и работат во некоја од европските и прекуокеанските земји и токму затоа локалната самоуправа пред пет години започна да ја реализира средбата која има за цел да ги собере на едно место иселениците од сите населени места од општината, но и од регионот и на симболичен начин да им покаже дека и покрај тоа што во моментов не живеат тука, општината сепак мисли на нив.


Најубавиот начин да се направи тоа е концерт со убавата македонска песна, која одсекогаш била алката која ги поврзува сите Македонци со родниот крај, без разлика каде живеат и работат по светот.


На оваа, традиционална средба на иселениците од општината и регионот, освен со меѓусебното дружење, уживаа и во богатата музичка програма со изведбите на групата „Мотив Бенд“, Верица Русева и „Пицикато“, Ленче и Горан Кукиќ со „Јупитер“, Благица Калева и „Модус“ и специјалниот гостин Дејан Николовски - Чуле.


ФОТОГАЛЕРИЈА