„Еуромакс“ ќе врши истражување на населението околу идниот рудник за бакар и злато „Иловица“

27 Март 2015

Инаку Рудникот за бакар и злато кај Иловица и Штука, со работа треба да започне во 2017-та година и ќе биде прва гринф-филд инвестиција

Компанијата „Еуромакс ресурси“, која ќе го гради Рудникот за бакар и злато „Иловица“, започнува со своето истражување за социо-економските каректеристики на населението од Иловица и Штука, кои гравитираат кон идниот рудник.


Студенти од Факултетот за земјоделски науки од Кампусот во Струмица при Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип, ќе го вршат оваа истражување, во периодот од 30 март до 3 април, а случајно одбрани граѓани, односно домаќинства, ќе бидат посетувани во времето од 14 до 19 часот.


Како што информира Драги Пелтечки, претставник на „Еуромакс ресурси“, оваа истражување е во рамките на законските норми и главна цел е да се добие реалната социо-економска слика за овие две населени места, каде во иднина ќе биде новиот рудник за бакар и злато.


„Истражувањето го вршиме во соработка со локалните самоуправи на општините Босилово и Ново Село и надлежните државни иституции. Во текот на истражувањето, кое е по методот на случаен избор, ќе се приберат податоци за демографската структура на населението, односно начинот на живот, економските и земјоделските активности на населението, како и навиките за користење на водата за пиење и наводнување“ - рече Пелтечки на денешниот брифинг за новинарите, кој се одржа во зградата на Општина Босилово.


Градоначалникот на општина Босилово, Љупчо Колев, ја истакна досегашната одлична соработка со „Еуромакс ресурси“ и изрази надеж дека со оваа истражување ќе се комплетираат неопходните подготовки за реализација на проектот, особено во поглед на влијанието врз социјалниот развој на заедницата и влијанието врз животната средина.


Инаку Рудникот за бакар и злато кај Иловица и Штука, со работа треба да започне во 2017-та година и ќе биде прва гринф-филд инвестиција од ваков вид во Република Македонија, која ќе придонесе за економскиот развој во регионот и државата.


Вкупната инвестиција за развој и изградба на рудникот „Иловица“ ќе изнесува околу 500 милиони американски долари, а планира да вработи околу 400 лица.